Мауро Икарди ќе се приклучи на Јувентус ова лето преку Пари Сен-Жермен, тврди италијанскиот „Тутоспорт“. Аргентинскиот напаѓач е во францускиот клуб како позајмен фудбалер од Интер по конфликтот кој го имаше со клубот и одлуката на Антонио Конте да не смета на него во тимот.
Неодамна постоеја извештаи дека тој не е задоволен ниту во Париз, каде што е резерва на Нејмар и на Килијан Мбапе, и според „Тутоспорт“, Јувентус, кои биле заинтересирани и минатото лето, ќе направат уште еден обид да го добијат, овојпат со поинаква стратегија.
Знаејќи дека директен трансфер од лутите ривали Интер е речиси невозможен, „Тутоспорт“ тврди дека ПСЖ ќе го откупи Икарди за договорената сума од 70 милиони евра, а потоа за нешто повисока цена ќе го продаде на Јувентус. Ако ова се оствари, „нераѕурите“ ќе добијат 85 милиони евра за Икарди, бидејќи во договорот за позајмица има „анти-Јувентус клаузула“.
Според „Тутоспорт“, и Наполи, кои очајно се обидуваа да го убедат Аргентинецот да прифати трансфер минатото лето, уште се заинтересирани.