Голот од пенал на Чиро Имобиле беше доволен Лацио да се задоволи со минимална 1:0 победа над Венеција, резултат кој го остава тимот на Маурицио Сари во борба за пласман во Европа следната сезона.
Во тежок натпревар, Имобиле прво постигна гол во 49. минута, кој му беше поништен од ВАР поради офсајд, за веќе во 56. минута од мечот, да биде прецизен од белата точка, за негов 26. гол во 33 натпревари за Лацио оваа сезона, и уште поважно 144. гол во Серија А во дресот на римскиот клуб, со што стана најдобриот стрелец во историјата на клубот, поминувајќи го Силвио Пиола.
Лацио сега се петти на табелата со 49 поени, седум зад четвртопласираниот Јувентус, но и поен пред Аталанта и Рома. Венеција остануваат во зоната за испаѓање со 22 поени, три помалку од Каљари на 17. место.