Џани Инфантино доби нов мандат на чело на ФИФА. Според најавите, тој ќе продолжи да го реформира фудбалот согласно современите тенденции и ќе побара да се додадат уште повеќе натпревари во календарот.
„Всушност, во повеќето делови на светот фудбалот не се игра доволно. Ни треба многу повеќе, не помалку конкуренција. Сакаме фудбалот да се развива насекаде низ светот. Размислуваме за организирање на Светското клупско првенство за жени и Светската серија на ФИФА во март, на секои две години, кога тимовите се ослободени од квалификациите“, рече Инфантино.
Интересно е што за споменатиот термин, УЕФА ја организираше Лигата на нации.
Тој, исто така, најави дека ќе разговараат за потенцијалното воведување на „селари кап“, односно буџетските ограничувања што клубовите би можеле да ги потрошат за плати на играчите, моделирани по системот во американскиот спорт.
„Мораме да ги подобриме нашите правила и статусот на ФИФА. Ќе продолжиме да го развиваме нашето владеење на добри принципи. Ќе внимаваме на трансфер системот, можеби ќе зборуваме за подобрување на транспарентноста кога станува збор за обештетувањето на играчите и платите. Можеби е неопходно да се воведе граница, треба да почнеме да размислуваме за начините на кои можеме да го направиме тоа. Ќе разговараме со сите актери и ќе видиме што можеме да направиме“, изјави претседателот на ФИФА.