Top Sport

Инфантино му возврати на Чеферин, упати тешки обвинувања

Конфликтот меѓу ФИФА и УЕФА достигна нова точка на вриење, при што двете најмоќни фудбалски организации сега практично се во војна околу неуспешниот проект за продажба на дел од комерцијалните права на Светското првенство на приватни инвеститори.

ФИФА ја обвини УЕФА за спроведување систематска кампања против светската куќа на фудбалот и нејзиниот претседател Џани Инфантино.

Реакцијата дојде откако европската организација ангажираше правни тимови и побара од американските судови пристап до документи поврзани со проектот „ФИФА Форвард Ентерпрајз (FFE)“.

УЕФА ја сака документацијата за евентуално да ја искористи во постапките во Швајцарија, а европската куќа на фудбалот претходно упати сериозни обвинувања против Инфантино.

Контроверзниот проект бараше инвестицискиот фонд „Thrive Eternal“, предводен од Џошуа Кушнер, да инвестира 4,2 милијарди долари за 20 проценти удел во нова компанија која би управувала со комерцијалните права на Светските првенства за мажи и жени, како и други натпреварувања на ФИФА.

УЕФА верува дека понудената сума била значително под реалната пазарна вредност на тие права, како и дека целиот договор не поминал преку отворен тендер или независна евалуација. Инфантино е обвинет и дека не ги информирал правилно управните тела на ФИФА и 211 национални асоцијации за деталите од проектот.

ФИФА сега одговори и побара од американските судови да го отфрлат или одложат барањето на УЕФА за пристап до документите.

„Иако овие барања се презентирани како правни поднесоци со наслови и броеви на случаи, тие се малку повеќе од соопштенија за медиумите со кои УЕФА ја продолжува својата кампања за клевета против ФИФА и нејзиното раководство“, соопшти светското управно тело на фудбалот.

ФИФА тврди дека барањето на УЕФА нема соодветна правна основа, меѓу другото, бидејќи европската организација бара докази за постапка која сè уште официјално не постои.

ФИФА, исто така, нагласува дека проектот „FFE“, никогаш не бил официјално усвоен, туку бил само предлог кој ќе мора да добие поддршка од мнозинството и одобрение од Советот на ФИФА.

Светската фудбалска асоцијација отиде чекор понатаму, тврдејќи дека финансиските интереси на европскиот фудбал стојат зад противењето на УЕФА.

Според нивното објаснување, проектот би овозможил значително поголем прилив на пари во помалку развиените фудбалски земји, што би ги направило националните асоцијации надвор од Европа поконкурентни.

„Доколку фудбалот се зајакне во земјите во развој, глобалната конкуренција се зголемува, што на крајот ја намалува пазарната моќ на УЕФА и ја зголемува конкуренцијата од нејзините главни натпреварувања“, тврдеше ФИФА.

„ФФЕ“, требаше да донесе значително повеќе пари за секој член на ФИФА помеѓу 2027 и 2030 година, но предлогот беше повлечен на почетокот на август по голем притисок од фудбалскиот свет.

Сепак, УЕФА не се откажува. Покрај ФИФА, побара документација и од Кушнер, фондот „Thrive“, банката „JPMorgan“, како и од инвеститорот Грег Мафеи и неговата компанија „Bann Ventures“.

Во меѓувреме, Кушнер за прв пат јавно проговори за случајот.

„Сè уште стоиме зад мотивите на „ФФЕ“, но не ја разбиравме политичката динамика на светскиот фудбал и колку далеку некои беа спремни да одат. Да знаевме во што ќе се претвори ова, немаше да се вклучиме“, рече Кушнер.

УЕФА инсистира на спроведување независна надворешна истрага, со став дека ФИФА не може сама да суди за постапките на сопственото раководство.

Конфликтот би можел да има и сериозни политички последици за Инфантино. На бунтот против првиот човек на ФИФА им се придружија и други континентални конфедерации, додека УЕФА веќе навести можност за поддршка на противник на актуелниот претседател на претседателските избори на ФИФА во 2027 година.

Долгогодишното соперништво меѓу двете најголеми фудбалски организации се претвори во отворена конфронтација што би можела значително да влијае на рамнотежата на моќта во светскиот фудбал во наредните месеци.

Foto: EPA

Scroll to Top function disable_right_click() { echo ""; } add_action('wp_footer', 'disable_right_click');