Top Sport

Инфантино сака СП на секои три години

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, не планира да се откаже од некои свои планови, или како што ги нарекува „планови кои ќе поттикнат револуција во меѓународниот фудбал“. Првиот човек на ФИФА има намера да ја скрати паузата помеѓу две светски првенства. Наместо на секои четири, Инфантино сака Мундијал на секои три години.

Како што пишува „Дејли Мејл“, Инфантино е охрабрен од комерцијалниот и спортски успех на Мундијалот во Катар, исто така смета дека организацијата на турнирот во текот на зимата ја променила играта на позитивен начин, а дека фудбалот покажал дека може да продолжи да расте и да се глобализира.

Иако беше одбележан со бројни повреди на играчите, поради тоа што Светското првенство се играше сред сезона, во Катар беше виден вистински спектакл со рекордни приходи од околу седум милијарди евра, што е зголемување за околу 960 милиони евра во споредба со Светското првенство во Русија 2018 година.

Доколку Инфантино ја протурка оваа идеја, на нејзина реализација ќе мора да се чека по Мундијалот во 2030 година.

Од друга страна, Инфантино смета дека ќе има доволно време да ја спроведе револуцијата со оглед на тоа што минатата недела најави дека има намера да биде на чело на ФИФА во три цели мандати, што значи дека од функцијата би заминал во 2031 година.

Пред Инфантино е голема борба со двете најмоќни континентални федерации, УЕФА и КОНМЕБОЛ и против најмоќните европски клубови.

Scroll to Top