Top Sport

Инфантино со уцена сака да го реализира својот план

Откако беше разоткриен неговиот план за продажба на дел од Светското првенство, претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, презема конкретни чекори за негова реализација.

Тој план вклучува уцена.

Новите информации за овој земјотрес во светот на фудбалот, кои сега пристигнуваат од час во час, велат дека шефот на ФИФА почнал да ги уценува сите федерации во светот да ја одобрат продажбата што ја договорил, во спротивно ќе се соочи со финансиски последици.

Тој им даде рок до 19 септември да одговорат за своите намери.

Доколку не го одобрат планот, ФИФА ќе ја одбие финансиската поддршка за секоја „непослушна“ федерација, која светската фудбалска куќа вообичаено ја распределува секоја година во прецизно закажани интервали.

Претседателот на ФИФА им порачал на членките дека секоја од нив ќе добие дополнителни 40 милиони долари финансирање доколку го одобрат планот за продажба на акции од Светското првенство, но предупреди дека имаат само 53 дена да го прифатат предлогот.

Во писмото, Инфантино ги детализира финансиските придобивки од дозволувањето на приватните инвеститори да купуваат удели во турнирот и рече дека одлуката мора да се донесе до 19 септември.
Исто така, се вели дека пакет за финансирање во вкупен износ од 10 милијарди долари ќе биде достапен доколку федерациите го прифатат предлогот, додека доколку го отфрлат, нивните приходи ќе бидат 2,7 милијарди долари, што е намалување од речиси 75%.

Овој план го откри „Тајмс“ во вторникот, а оттогаш, реакциите кои се претежно критички настроени кон планот на ФИФА и спротивни на она што Инфантино сака да го направи не престануваат да доаѓаат.

Но, тој не се откажува.

„Одлуката дали да се прифати овој предлог или не зависи исклучиво од вас“, е пораката што Инфантино ја упати во е-пошта испратена до сите федерации. Постои и алтернативен пат што го нуди ФИФА за оние кои не го прифаќаат нејзиниот предлог.

„Доколку сакате да го одржите статус квото и да го отфрлите овој предлог, сè уште имаме планирано проширување на програмата „Форд“ од 2,7 милијарди долари, како што беше претходно презентирано. Вкупно, за следниот циклус што започнува на 1 јануари 2027 година, секоја членка асоцијација ќе има пристап до до 40 милиони долари по членка асоцијација според овој предлог“, пораката на Инфантино до „непослушните“.

Од друга страна, Англиската фудбалска асоцијација наведува дека не била запознаена со овој предлог, ниту со деталите од планот.

„Немаме никакво сознание за овој предлог и немаме никакви суштински детали, вклучително и што точно вклучува предлогот и кои услови го придружуваат. Врз основа на ограничените информации што ги имаме, длабоко сме загрижени за недостатокот на процес и управување што доведоа до оваа точка, како и за очигледната содржина и принципи. Кога предлогот ќе биде соопштен на целосен и транспарентен начин што ФИФА сега го ветува, ќе ги објавиме нашите ставови и ќе коментираме дополнително“, соопшти канцеларијата за односи со јавноста на Англиската фудбалска асоцијација.

УЕФА истиот ден кога информацијата се појави во јавноста, реагираше, со жестока критика за големиот план на Инфантино за Светското првенство.

„Ова ја преминува границата што управните тела на фудбалот никогаш не смеат да ја преминат. УЕФА го сфаќа ова исклучително сериозно. Секоја национална фудбалска асоцијација мора да го стори истото. Сите засегнати страни мора да го сторат истото: лиги, клубови, играчи, навивачи, влади и сите што се грижат за иднината на оваа игра. Душата и управувањето со фудбалот не се имот со кој може да се тргува, особено не со целосен недостаток на транспарентност за тоа кој би имал финансиска корист од тоа. Никој од нас не го поседува фудбалот. Тоа не е сопственост на ФИФА што треба да се продава“, се вели во вчерашното соопштение на УЕФА.

Нови заговори, најави и реакции, во оваа дефинитивно најголема фудбалска приказна, допрва треба да дојдат…

Foto/ Depositphotos

Scroll to Top function disable_right_click() { echo ""; } add_action('wp_footer', 'disable_right_click');