Легендата на Барселона, Андрес Иниеста во последното интервју со весникот „Диарио спорт“, изрази жалење што неговиот клуб не освои повеќе титули од Лигата на шампионите, но вели дека трите трофеи во низа на Реал Мадрид се сосема заслужени.
Поранешниот капитен на Барса си замина од клубот минатото лето за Висел Кобе во Јапонија по девет титули од Ла лига и четири од Лигата на шампионите.
„Се надевам дека оваа година ќе го направат чекорот кој недостасуваше во минатото. Секогаш сум велел дека тој што ќе ја освои Лигата на шампионите целосно ја заслужува“, вели Иниеста.
И покрај шпекулациите кои го поврзуваа со заминување во Манчестер сити, каде што би бил дел од тренерскиот тим на Пеп Гвардиола, Иниеста вели дека фудбалот уште не му е здодевен.
„Вистината е дека воопшто не сум размислувал за тоа. Не знам што ќе се случи за неколку години. Засега сум фокусиран да бидам фудбалер во друга земја и во поинаков шампионат, но сепак, фудбалер“, вели Иниеста.
Тимот на Пеп во Барса од 2008 до 2012 според дел од фудбалските фанови е најсилниот тим на сите времиња, но Иниеста вели дека успехот на тие фудбалери не значи дека ќе бидат добри тренери.
„Во теорија тоа е добра идеја, но иднината ќе не постави на местото на кое треба да бидеме. Ја имаме љубовта од фановите бидејќи бевме во клубот долго време, но тоа не гарантира успех. Во мојот случај, би сакал да го пренесам тоа што го научив. Не знам на каков начин, дали ќе бидам подготвен и кој тогаш ќе биде клубот. Ќе видиме“, додава Иниеста.