Поранешниот шпански репрезентативец Андрес Иниеста во Барселона изјави дека му се исполнил сонот да стане фудбалер и додаде дека планира да стане тренер, пренесуваат шпанските медиуми.
Иниеста денеска и официјално се прости од фудбалот на церемонија во Барселона.
„Мислев дека овој ден никогаш нема да дојде. Овие солзи што ги гледате не се поради тага. Ова се солзите на едно дете од Фуенталбиља, кое сонуваше да стане фудбалер. И јас го остварив тој сон, со многу жртви. Не се откажав“, изјави Иниеста.
На церемонијата присуствуваа поранешните соиграчи на Иниеста и првиот тим на Барселона предводен од тренерот Ханси Флик и претседателот на клубот Џоан Лапорта.
„Семејството, сестрата и родителите отсекогаш ми биле движечка сила. Тие беа покрај мене, ми дадоа се. Денеска имам одлично семејство, сопругата и децата се мојата инспирација”, додаде поранешниот играч на Барселона.
Иниеста (40) кариерата ја започна во Албасете, а потоа играше за Барселона од 1996 до 2018 година. Со каталонскиот клуб освои 29 трофеи. Потоа играше за Кобе од 2018 до 2023 година, а минатата сезона беше член на клубот Емирати од ОАЕ.
„Ла Масија ме промени засекогаш. Тоа е најдоброто место каде што можев да напредувам. Доаѓањето во Барселона беше сон, бев на најдоброто можно место. Имав чест да го гледам „Ноу Камп“ секој ден, а потоа да играм на тој терен. Најдобриот период го поминав во Барселона. Уживавме во клубот и играчите и навивачите, не можам да ги заборавам соиграчите и тренерите од тој период.“ – вели Иниеста.
Иниеста за шпанската репрезентација од 2006 до 2018 година одигра 131 натпревар и постигна 13 голови. Со репрезентацијата на Шпанија го освои Светското првенство во 2010 година и Европското првенство во 2008 и 2012 година.
„Мојата приказна во репрезентацијата започна на 15 години. Сите тие тренинзи, соиграчи со кои играв..Им благодарам на сите што ги запознав. Ја имав привилегијата да бидам во националниот тим во неговиот најславен период”, изјави поранешниот шпански репрезентативец.
Тој најави дека планира да стане тренер.
„Не можам да бидам далеку од фудбалот. Тоа беше и ќе биде мојот живот. Мотивиран сум да бидам тренер. Би сакал да можам да играм до 90 години, но среќен сум бидејќи го исполнив сонот да бида фудбалер“, заклучи Иниеста.