Легендата на Барселона, Андрес Иниеста вели дека сегашниот менаџер на Манчестер јунајтед креирал „неиздржлива“ атмосфера меѓу фудбалерите на Барселона и Реал Мадрид кога бил тренер на „Сантијаго Бернабеу“ и имал многу негативно влијание на шпанскиот фудбал.
Иниеста, кој на крајот на минатата сезона си замина од Каталонија и сега игра за јапонскиот Висел Кобе, се потсети на лутото ривалство меѓу Мурињо и тогашниот шеф на Барса, Пеп Гвардиола од 2010 до 2013 година, и оценува дека во исто време шпанската репрезентација доживува пад по триумфот на ЕП во 2012 година, губејќи во групи на СП во 2014.
„Не мораш да бидеш за Барселона или за Реал Мадрид да знаеш дека ситуацијата беше непријатна. И клучен во приказната беше Мурињо. Кој не сака да го види тоа, е слеп. Не го гледавте ривалството кое постоеше секогаш, туку нешто над тоа, омраза. Таа атмосфера беше неиздржлива. Тензијата Барса-Мадрид предизвикана од Мурињо направи огромна штета за репрезентацијата, каде што бевме колеги“, вели Иниеста за „Ла секста“.