Андрес Иниеста со пораз во осминафиналето ја заврши својата интернационална кариера по драматичната пенал серија против Русија, ставајќи крај на блескавата кариера чиј врв секако беше светската титула во 2010 година.
По повеќе од 130 настапи за „фуријата“, поранешниот играч од средниот ред на Барселона, неделниот натпревар го стартуваше од клупата, пред Фернандо Јеро да го внесе во игра во 67. минута. Тој беше прецизен во пенал-серијата.
„Ова беше мојот последен меч за Шпанија. Прекрасната низа заврши. Понекогаш крајот не е таков како што сонуваш“, изјави Иниеста, кој имаше 131 настапи за Шпанија и 13 голови.
Тој го постигна победничкиот гол во финалето во 2010 година против Холандија, а стана и европски шампион со својата репрезентација во 2008 и 2012 година.
Фото: ЕПА