Фудбалерот на Атлетик Билбао, Ињаки Вилијамс (27), минатиот викенд, стана апсолутен рекордер во шпанскиот фудбал. На натпреварот со Алаваес, тој стана првиот играч кој одиграл 203 натпревари во низа. Вилијамс пет години не пропуштил натпревар на својот тим.
„Лекарите рекоа дека е невозможно да се повторни ова, особено сега, кога натпревари со висок интензитет се играат секои три дена. Ќе излажам ако речам дека не сум играл повреден. Играв под инјекции секогаш кога му бев потребен на тимот. Во последните две години, во последните недели од сезоните влегував со четири жолти картони. Петиот носи суспензија, во такви ситуации повеќе не протестирам и не ги удирам противниците“, рекол Вилијамс.
Иљаки Вилијамс е дете на имигранти од Гана. Тој е роден во Билбао и поради тоа може да го носи дресот на овој славен клуб.
За „Гардијан“, ја раскажал приказната, како неговите родители стигнале до Шпанија.
„Кога мојата мајка ми ја раскажа приказната бев шокиран. Таква приказна остава длабока импресија. Она што го преживеале моите родители е како на филм. Не знаев дека пешки ја минале пустината. Знаев дека мојот татко има проблеми со стапалата, но не знаев дека тоа е последица на тоа што ја минале Сахара на 40 или 50 степени Целзиусови“.
Родителите на Ињаки Вилијамс, во Шпанија влегле преку Мелила, шпанска енклава во Мароко.
„Дел од патот минале со камион со уште 40 други луѓе, а потоа со денови пешачеле. Некои се откажале, некои умреле на тој пат. Опасно е, разбојници демнат на секој чекор. Трговци со луѓе добиваат пари и на пола пат ги исфрлаат луѓето, ги остават без ништо, без вода и храна. Луѓето кога ќе тргнат на таков пат не знаат што ги чека. Да знаеле дека е така мојата мајка немало да тргне на тој пат, така ми кажа. Не знаеле дека е бремена. Во Мелила ја прескокнале оградата, но ги фатиле. Во затворот, адвокат од Каратас ги советувал да кажат дека се од земја во која се води војна. Ги искинале документите од Гана и рекле дека доаѓаат од Либерија и побарале политички азил. Благодарение на тој адвокат ние сме во Билбао“, раскажал Вилијамс.
Инаку, од оваа сезона уште еден член од семејството Вилијамс игра за првиот тим на Атлетик. Осум години помладиот брат на Ињаки, Нико, дебитираше за клубот од „Сан Мамес“.