Мохамед Салах треба да ги одбие понудите од Реал Мадрид и Барселона за да остане во Ливерпул и да стане легенда со клубот освојувајќи ја Лигата на шампионите, вели поранешниот играч на клубот, Пол Инс.
Салах е во неверојатна форма оваа сезона со 36 гола во 41 мечеви, и е дефинитивно најдобриот играч на менаџерот Јирген Клоп. Ливерпул се во четврт-финалето на Лигата на шампионите, каде што ќе се сретнат со Манчестер сити, додека во лигата се на третото место, седум поени пред Челси на четвртото место.
Инс, кој во својата кариера играше и за Ливерпул и за Манчестер јунајтед, вели дека шпанските гиганти можат да почекаат.
„Салах би бил будала ако замине од Ливерпул сега. Тој се наоѓа на место кое совршено му одговара. Не ме сфаќајте погрешно, знам дека е тешко кога ќе дојдат од големите клубови и дека е тешко да се игнорираат Реал Мадрид или Барселона, како што видовме со Кутињо и Суарез. Но, во моментов има голем прогрес во Ливерпул и тимот оди напред. Ако Салах ужива во ова наскоро може да се најде во тим кој освојува титули, а тој ќе е првата ѕвезда“, објаснува Инс.
Тој ги посочува трансферите на Алексис Санчез и Пол Погба во Јунајтед, кои покажаа дека е тешко да се одржи формата по голем трансфер.
„Мо има само 25 години и има време. Се наоѓа во добар тим со добар менаџер кој му дава да игра како што сака. Мислам дека ќе зажали ако замине во Шпанија и таму седи на клупата“, додава Инс.
Фото: ЕПА