Top Sport

Интер доминантен во градското дерби, сега има +4 пред Милан!

На навивачите на Интер не може да им се забележи ако веќе почнат да сонуваат за освојување на скудетото, откако во градското дерби на „Сан Сиро“ стигнаа до доминантна 3:0 победа над лутиот ривал Милан за да се одвојат на +4 од нив на табелата во Серија А.

Во тоа што требаше да биде „втора рунда“ во пресметката на Ромелу Лукаку и Златан Ибрахимовиќ, победник секако испадна Белгиецот, кој имаше една асистенција и даде еден гол за „нераѕурите“ да ја продолжат одличната серија резултати во италијанскиот шампионат.

Лукаку прво му асистираше на Лаутаро Мартинез уште во петтата минута од мечот, за рано водство на „нераѕурите“, кои имаа далеку повеќе од играта и шансите во првото полувреме. Кога Милан започна посигурно во второто полувреме со две одлични шанси на Ибрахимовиќ и две одбрани на Самир Хандановиќ, Мартинез по вторпат ја затресе мрежата во 57. минута од мечот, пред Лукаку да стави точка на натпреварот во 66. минута.

Сега Интер има 53 поени на врвот на табелата по 23 натпревари, Милан е на 49 пред Рома и Лацио со 43 и Јуве на петтото место со 42 поени, но со два натпревари помалку.

Scroll to Top