Top Sport

Интер ја зголеми мизеријата на градскиот ривал

Интер стигна до минимална, но апсолутно заслужена 1:0 победа над Милан во ново издание на „Дерби дела мадонина“, во кое се покажа дека „нераѕурите“ остануваат најсериозен ривал на лидерот Наполи, додека за кризата во „црвено-црниот“ дел од Милано засега нема решение.

„Крвник“ на Милан повторно беше Лаутаро Мартинез, кој во 34. минута по корнерот на поранешниот играч на Милан, Хакан Чалханоглу го отвори резултатот. Ова беше дури седми гол кој Мартинез го постигнал на градските ривали, со што стана вториот најдобар стрелец за Интер во „Дерби дела мадонина“ по Стефано Најерс, кој има постигнато 11 гола.

Иако овој резултат остана до крајот, тимот на Симоне Инзаги беше апсолутно доминантен во мечот со Милан, доминирајќи со над 60 отсто посед на топката и со 16 обиди кон голот на Татарушану. Лаутаро уште еднаш ја затресе мрежата на Милан во 90. минута, но овојпат голот беше поништен поради офсајд.

Интер остануваат втори на табелата со 43 поени, дури 13 зад Наполи, додека Милан, за кои ова е трет пораз во низа во Серија А, по понижувачките 2:5 од Сасуоло и 0:4 од Лацио, се шести со 38 поени.


Standings provided by Sofascore
Scroll to Top