Top Sport

Интер маршира кон титулата, челниците подготвуваат чистка во соблекувалната

Интер, во изминатите 11 години, никогаш не биле поблиску до освојувањето на титулата во Серија А. Во последните десет натпревари, Интер влегува со предност од осум бода пред Милан, десет во однос на Аталанта, додека бранителот на трофејот Јувентус, има 12 бода помалку од тимот на Антонио Конте.

Додека тимот маршира кон титулата, челниците ги кројат плановите за летниот преоден рок. „Газета дело Спорт“, повикувајќи се на извори од клубот, објаави дека по завршувањето на сезоната десетмина ќе го напуштат Интер.

Прв кој ќе замине е 35-годишниот Ешли Јанг. Англичанецот има договор до крајот не сезоната и клубот нема да му понуди нов. Договорот му истекува и на Андреа Ранокија, кој сезонава има одиграно само шест натревари. Интер ќе му овозможи на играчот кој во клубот е од 2011 година самиот да реши дали ќе остане.

На трансфер листата ќе биде ставен и Матијас Весино, Уругваецот сезонава има одиграно само 70 минути. „Газета дело Спорт“, тврди дека на Весино ќе му се придружат Иван Перишиќ, Артуро Видал, Стефано Сенси и Роберто Гаљардини, додека на позајмици ќе бидат испратени голманот Јону Раду и напаѓачот Андреа Пинамонти.

Scroll to Top