Интер дефинитивно се откажале од Мауро Икарди и ќе се обидат да го примораат да прифати трансфер, со Рома како најверојатна дестинација за замена со Един Џеко, Стефан Ел Шарави и Александар Коларов, тврди „Скај спорт Италија“.
Според нив, новиот тренер Антонио Конте заедно со директорите на клубот одлучиле Икарди веќе да не одигра ниту еден натпревар за „нераѕурите“. Сепак, Аргентинецот одбива секаков трансфер и можно е да почека до крајот на договорот во 2021 година за да замине како слободен агент.
Интер се заканиле дека ќе го остават целосно надвор од тимот, и се на пазарот за неколку напаѓачи, за Икарди да стане петти избор, така што е многу веројатно повторно да имаме „студена војна“ меѓу Интер и Икарди, како таа што резултираше со одземањето на неговата капитенска лента.
Од друга страна, извршниот директор на Рома, Гвидо Фиења веќе контактирал со спортскиот директор на Интер, Пјеро Аусилио за можниот трансфер.