Италијанскиот фудбалски гигант Интер оствари рекордни 567 милиони евра приходи во изминатата финансиска година, беше објавено на веб-страницата на клубот.
Финансиските извештаи за сезоната 2024/25 покажуваат приходи од 567 милиони евра, што е зголемување од 94 милиони евра во споредба со претходната сезона. Ова е рекорд, не само за Интер, туку и за италијанскиот фудбал како целина. Претходниот рекорд го држеше Јувентус кога имаше приходи од 464 милиони во првата сезона на Роналдо.
Рекордните приходи на Интер се резултат на зголемените приходи од домашните и европските натпреварувања, како и учеството во првото издание на проширеното Светско клупско првенство. Во исто време, имаше зголемување на комерцијалните приходи од спонзорства и натпревари.
Интер ја затвори финансиската година со нето добивка од 35,4 милиони евра, во споредба со загуба од 35,7 милиони евра во претходната финансиска година. Интер ја заврши рекордната финансиска година без трофеј.
Во финалето на Лигата на шампионите загуби од ПСЖ, во Серија А беше втор од Наполи, во Купот на Италија испадна во полуфиналето против градскиот ривал Милан, „росонерите“ беа подобри и во финалето на Суперкупот на Италија, додека на клупскиот Мундијал клубот загуби од Флуминензе.