Интер се пред комплетирање на зделката за фудбалерот од средниот ред на Бреша, Сандро Тонали за 30 милиони евра, тврди „Скај спорт Италија“, со што Антонио Конте би го добил момчето кое сите го нарекуваат наследникот на Андреа Пирло.
Според Џанлука ди Марцио, Интер и Бреша се блиску до договор, откако 20-годишниот Тонали изјавил дека сака да игра на „Сан Сиро“, иако пораснал како навивач на Милан. Тој би се приклучил на новите надежи на италијанскиот фудбал Стефано Сенси и Николо Барела.
Тонали постигна еден гол и имаше 5 асистенции во 23 меча во својата деби сезона во Серија А, а доби и три настапи за сениорската репрезентација на Италија. За него беа заинтересирани и Јувентус, Манчестер јунајтед, Арсенал, Фиорентина, Барселона, Наполи и Пари Сен-Жермен.