Швајцарскиот центар за спортски студии (CIES) направи интересно истражување за 23. најсилни европски национални првенства. Во истражувањето го нема фудбалскиот шампионат на македонија.
Многу интересна е проекцијата во големите пет лиги. Шампион на Премиер лигата повторно би требало да биде Манчестер сити, пред Ливерпул, а во Лигата на шампионите ќе се најдат и Челзи и Тотенхем.
Според CIES, Арсенал сепак нема да го оствари тој сон, ќе заврши петти, а Манчестер Јунајтед шести. Според истражувањето во Чемпионшип ќе се преселат Борнмут, Саутемптон и Нотингем Форест.
Во Бундеслигата нема дилема, Баерн повторно ќе биде шампион, пред Дортмунд, Лајпциг, Леверкузен, Фрајбург, Унион Берлин… Шалке, Херта и Бохум ќе се преселат во Цвајта.
Реал Мадрид ќе ја одбрани титулата во Шпанија, пред Атлетико, Барселона и Севиља. Најзагрозени во Ла Лига се Кадиз, Мајорка и Џирона.
Според прогнозите на CIES, Серија А ќе ја освои Интер, пред актуелниот шампион Милан и Наполи. Се предвидува дека Јувентус ќе заврши четврти, а Кремонезе, Салернитана и Лече ќе испаднат во Серија Б.
Ниту во Лига 1 нема многу дилеми околу името на шампионот, тоа ќе биде ПСЖ кој зад себе ќе ги остави екипите на Монако, Марсеј и Лион. Троа, Клермон и Ајачио ќе ја напуштат лигата на крајот на сезоната.
На крајот шампиони на своите земји ќе бидат: Салцбург (Австрија), Бриж (Белгија), Динамо Загреб (Хрватска), Лудогорец (Бугарија), Славија Прага (Чешка), Митјиланд (Данска), Ференцварош (Унгарија), Ајакс (Холандија), Раков (Полска), Спортинг (Португалија), Клуж (Романија), Зенит (Русија), Ренџерс (Шкотска), Јанг Бојс (Швајцарија), Слован (Словачка), Олимпија (Словенија), Црвена звезда (Србија) и Фенербахче (Турција) .