Фудбалерот на Њукасл и шведски репрезентативец, Александар Исак, постигнал усмен договор со Ливерпул и едвај чека да им се придружи на англиските шампиони.
Ова го тврди добро информираниот новинар и специјалист за трансфери на „Скај спорт Германија“, Флоријан Плетенберг. Германскиот новинар објави дека голгетерот Њукасл ги договорил условите со Ливерпул, но сè уште се чека договор меѓу клубовите.
Њукасл првично соопшти дека Исак не е на продажба, но потоа фудбалерот побара трансфер. Во меѓувреме, Ливерпул го потпиша Уго Екитике од Ајнтрахт, но не се откажа ниту од шведскиот голгетер.
Специјализираниот портал „Трансфермаркт“ ја проценува вредноста на играчот на 120 милиони евра. Сепак, Њукасл ги диктира условите бидејќи Исак е обврзан со договорот до 30 јуни 2028 година.
Наводно, Њукасл сега бара дури 170 милиони евра, додека Ливерпул понудил 50 милиони помалку. Се претпоставува дека клубовите ќе се сретнат некаде на средина.
Интересно е што во исто време клубовите од Саудиска Арабија ја прифатија сумата што ја побара клубот од „Сент Џејмс Парк“, но Исак ги одби и рече дека сака да оди само во Ливерпул.
Фото/ Принскрин