Top Sport

Италија е „perfetta“ првпат во историјата!

Само една година по мизеријата со неуспехот да се квалификуваат на Светското првенство во Русија во 2018 година, италијанската фудбалска репрезентација, под водство на Роберто Манчини, првпат во историјата успеа да се квалификува едно големо натпреварување со стоотстотен учинок, и тоа со неверојатна 9:1 победа над Ерменија.

„Аѕурите“ имаат 10 победи во 10 меча, вклучувајќи ја и „бламажата“ на Ерменците во Палермо вечерва и гол разлика 37:4. Досега, Италијанците успевале да влезат на едно големо натпреварување без пораз, но никогаш со сите победи.

Покрај ова, овој подмладен тим, од кој искрено Италијанците немаа големи очекувања пред квалификациите, сруши и низа други рекорди. Тие победија најмногу во една календарска година (10 пати) и победија во најмногу последователни мечеви (11), нешто што не им успеваше на многу посилни италијански генерации.

Манчини беше воодушевен и најави дека се надева дека низата може да продолжи и на Евро 2020, посебно откако младите беа во листата на стрелците – Николо Заниоло даде два гола, а Рикардо Орсолини и Федерико Киеза ги постигнаа своите први голови во националниот дрес.

„Искрено, не давате девет голови во денешниот фудбал. Ова беше прекрасна вечер за нас, но рекордите се важат само со титули. Ова се млади момци кои стануваат подобри со секој нареден натпревар. Тие имаат квалитет, потребно е само уште искуството. Имаме шест месеци да се подготвиме, но ако продолжиме вака не се плашиме од никого“, вели Манчини.

Scroll to Top