Италијанскиот олимписки комитет (ЦОНИ) побара суспензија на сите спортови во земјата барем до 3 април поради ширењето на корона вирусот во оваа земја, и сега се очекува одлука на владата на Италија за да се стави стоп на Серија А и на другите спортови.
Во Италија има над 400 починати од корона вирусот, а посебно е погодена Ломбардија, каде што живеат 16 милиони луѓе и која од неодамна е во карантин. Серија А продолжи со пет меча во неделата пред празни трибини, а вечерва играат Сасуоло и Бреша.
До крајот на шампионатот остануваат уште 12 кола, а Јувентус имаат предност од еден поен пред Лацио. Серија А последен пат беше прекината во текот на Втората светска војна.
ЦОНИ потврди дека не може да ги контролира интернационалните натпреварувања – Јувентус, Наполи и Аталанта играат во Лигата на шампионите, додека Интер и Рома се во Лига Европа. Од друга страна мечот од ЛШ помеѓу Пари Сен-Жермен и Борусија Дортмунд во среда ќе се игра без публика, но РБ Лајпциг дозволи навивачите да присуствуваат на мечот со Тотенхем во вторник. ФИФА претходно ги одложи квалификациите за СП 2022 во Азија овој месец, но и во јуни.
Тенисот исто така страда од корона вирусот, по откажувањето на Мастерсот во Индијан Велс, САД, а проблеми имаат и во Формула 1 шампионатот со неизвесно оддржување на Бахреин ГП трката, втора на календарот.