Италија и Аргентина вечерва од 20:45 часот на „Вембли“ ќе го одиграат мечот наречен „Финалисима“. Овие репрезентации ќе се борат за трофејот кој досега не бил доделен.
Ова е тест на европскиот шампион и победник на Копа Америка, кој беше договорен кон средината на декември минатата година при потпишувањето на обновениот и проширен Меморандум за разбирање (МоУ) меѓу УЕФА и КОНМЕБОЛ, Јужноамериканската фудбалска федерација, кој трае до крајот на јуни 2028 година.
Да потсетиме, Италија ја победи Англија на ЕП по изведување пенали и ја освои титулата, додека Аргентина го прекина постот откако по 28 години славеше над Бразил и го освои 15. трофеј во Јужна Америка.
Натпреварот меѓу Италија и Аргентина ќе се игра во регуларните 90 минути. Нема да има продолженија, што значи дека во случај на нерешен резултат веднаш ќе се шутираат пенали.
„Постои долга традиција на соработка помеѓу УЕФА и КОНМЕБОЛ, за што сведочат натпреварите како што се трофејот Артемио Франки и Интерконтиненталниот куп. Горди сме што повторно го лансиравме престижниот трофеј на радост на фудбалот. Со нетрпение очекуваме да истражиме нови можности и со нетрпение го очекуваме големото финале. Лондон во јуни 2022 година“, изјави во декември претседателот на УЕФА Александар Чеферин.
„На финалето помеѓу Аргентина и Италија на 1.јуни 2022 година во Лондон ќе му се придружат и други врвни спортски настани, како што доликува на традицијата на јужноамериканскиот и европскиот фудбал“, додаде претседателот на КОНМЕБОЛ, Алехандро Домингез.
Џорџо Кјелини против Аргентина ќе го одигра својот последен натпревар за италијанската репрезентација.