Top Sport

Италија „нанижа“ и шеста победа во квалификациите, Шпанија лесно со Фарски Острови (видео)

Во меч со два пенали, Италија го заддржа историски совршениот скор против Финска (никогаш не загубиле од нив на гости), стигнувајќи до 2:1 победа, што е нивна шеста победа едноподруго во квалификациите за Евро 2020, по фијаското и неуспехот да се квалификуваат на СП во Русија во 2018 година.

Чиро Имобиле по пауза од 733 дена го постигна својот прв гол за Италија во 59. минута од мечот, но Финците успеаја да одбранат со гол од пенал на Тему Пуки во 72. минута. Победата на тимот на Роберто Манчини ја обезбеди Жоргињо, повторно со гол од пенал во 85. минута.

Со победата, Италијанците имаат 18 поени во групата Ј, пред Финска со 12 и Ерменија со 9, додека Грција остана петта со мизерното 1:1 реми со Лихтенштајн.

 

Во Хихон пак, Шпанија, благодарение на двата гола на Родриго и двата на Алкасер стигна до рутинска 4:0 победа над Фарските Острови за исто така да останат „совршени“ во овој квалификациски циклус – 6 меча, 6 победи.

Дуелот беше одбележан со 167. настап на капитенот Серхио Рамос за националниот дрес, со што тој го израмни рекордот на неговиот поранешен соиграч од Реал Мадрид, голманската легенда Икер Касилјас.

Нордиското дерби Шведска-Норвешка пак, заврши 1:1, резултат кој дефинитивно им одговара повеќе на Швеѓаните кои имаат 11 поени и се на второто место на табелата зад Шпанија.

ЕВРО 2020, КВАЛИФИКАЦИИ

ГРУПА Ј

Финска – Италија 1:2

Грција – Лихтенштајн 1:1

Табела: 1.Италија 18,  2.Финска 12, 3.Ерменија 9, 4.БиХ 6, 5.Грција 5,6.Лихтенштајн 1

ГРУПА Ф

Шпанија – Фарски Острови 4:0

Шведска – Норвешка 1:1

Табела: 1.Шпанија 18, 2.Шведска 11, 3.Романија 10, 4.Норвешка 9, 5.Малта 3, 6.Фарски Острови 0

Scroll to Top