Top Sport

Италијанците не успеаја да изберат претседател на федерацијата

Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) ќе биде предводена од комисија, откако делегатите не успеаја да изберат нов претседател.

Габриеле Гравина, Козимо Сибилија и Дамјано Томази беа кандидатите за замена на Карло Тавекио, кој си замина по неуспехот на Италија да се квалификува на Светското првенство во Русија.

Во првиот круг на гласање беше потребно кандидатот да добие најмалку 75 отсто од гласовите на седум групи – Серија А, Серија Б, синдикатот на играчи, Лега про, синдикатот на тренери, судиската организација и аматерската лига, која контролира најмногу гласови – дури 34 отсто.

Во втората рунда беа потребни 66 отсто од гласовите, по што испадна Дамјано Томази, за во четвртото гласање да биде потребно само обично мнозинство. Но, Сибилија, шефот на Аматерската лига побара неговите делегати да не гласаат, така што нема избрано претседател – 39.06 отсто гласаа за Гравина, а 59.09 отсто беа празни ливчиња.

Федерацијата сега ќе биде предводена од комисија, а Италијанскиот олимписки комитет (ЦОНИ) ќе мора да назначи преоден претседател.

Scroll to Top