Top Sport

Италијанците се жалат – „трагичен“ преоден рок за Серија А

Ариведерчи! Тоа е главниот мотив на летниот преоден рок во италијанската Серија А, каде што за разлика од другите топ 5 европски лиги, наместо да има големи засилувања, има вистински егзодус на големите имиња.

Иронично, ситуацијата доаѓа веднаш откако Италија стигна до фантастичен успех со титулата од Европското првенство, но Серија А наместо повторно како во минатото да биде место каде што големите ѕвезди сакаат да играат, продаде дел од своите најголеми ѕвезди.

ЏИЏИО ДОНАРУМА

Број 1 на италијанската листа на заминувања е можеби најдобриот светски голман, Џиџио Донарума, човекот кој беше прогласен за најдобар играч на ЕУРО 2020, и кој заминува во Пари Сен-Жермен како слободен играч, откако не успеа да се договори со Милан за продолжување.

АШРАФ ХАКИМИ

На Донарума во Париз му се приклучи и 22-годишниот Хакими, по само една сезона во италијанскиот шампионат. Интер плати 40 милиони евра на Реал Мадрид, и го продаде за 71 милиони евра.

РОДРИГО ДЕ ПАУЛ

Аргентинскиот репрезентативец Де Паул помина пет години во Удинезе, со вкупно 184 настапи и 34 гола, промовирајќи се во „мета“ на повеќе клубови. Тој минатата сезона беше капитен на „Фриули“, но сега ќе игра за Атлетико Мадрид, кои платија 35 милиони евра на нив.

КРИСТИЈАН РОМЕРО

Аталанта успеа да искешира 50 милиони евра за 23-годишниот централен бек од Аргентина, откако беше еден од најдобрите дефанзивци во Италија последните сезони. Клубот од Бергамо го купи Ромеро од Јувентус за 16 милиони евра, така што профитот е огромен.

РОМЕЛУ ЛУКАКУ?

Последниот голем трансфер, кој уште не е реализиран, е секако најавеното заминување на Ромелу Лукаку од Интер во Челси за над 100 милиони евра. Лукаку го направи тоа за што пристигна од Манчестер јунајтед, освојувајќи ја титулата од Серија А минатата сезона, но чувството дека „нераѕурите“ градат тим кој долгорочно може да му се спротистави на Јувентус, веќе го нема.

Scroll to Top