Италијанскиот фудбалски тренер Винченцо Италијано го продолжи договорот со Болоња до 30. јуни 2027 година, објави клубот денес.
Италијано ја презеде функцијата на почетокот од оваа сезона и ја предводеше Болоња до титулата во Купот на Италија, првиот трофеј на клубот по 51 година.
„Среќен сум што ја продолжуваме нашата соработка. Со нетрпение очекуваме да учествуваме во возбудливи натпреварувања и да ги постигнеме целите заедно. Се гледаме во јули, поподготвени од кога било“, рече Италијано, според веб-страницата на клубот.
Болоња ја заврши сезоната на деветтото место на табелата во Серија А, а следната сезона ќе игра фазата по групи во Лига Европа.