Паоло дал Пино, претседателот на Лега Серија А предупредува дека со новите мерки на италијанската влада фудбалскиот систем е „многу блиску до колапс“.
Со новите мерки на премиерот Џузепе Конте, баровите и рестораните во Италија ќе се затвараат во 18 часот, а фитнес-центрите и теретаните ќе останат затворени до 24 ноември. Професионалните спортови можат да продолжат без присуство на публика, што значи дека нема да ги има ниту 1.000 гледачи кои беа присутни последниот месец.
„Се надевам дека владата ја разбира вредноста на фудбалот како индустрија, без политичка демагогија. Ние сме многу загрижени, блиску сме до колапс и економијата на нашата земја ќе плати многу со овие рестриктивни мерки. Здравјето е на прво место, но важно е да се направи вистинскиот потег и да се мисли на долгорочната иднина. Во 2020 загубивме 600 милиони евра со празни стадиони и затоа бараме разбирање на владата. Плаќаме над 1 милијарда евра во даноци секоја година и очекуваме да се размислува и за нас“, вели Дал Пино.