Милан вечерва ќе го пречека Наполи, додека Реал Мадрид ќе игра против Челзи во првите натпревари од четвртфиналето на Лигата на шампионите.
Фудбалерите на Милан го победија Наполи со 4:0 во натпревар од Серија А пред десет дена во Неапол. Наполи е во подобра форма, и е на прагот да ја освои титулата во италијанското првенство. Тој е прв на табелата во Серија А со 74 бодови, додека Милан е четврти со 52. Наполи на овој меч ќе биде ослабен, бидејќи во тимот ќе го нема најдобриот стрелец Виктор Осимхен.
Натпреварот меѓу Милан и Наполи се игра од 21 часот на стадионот „Сан Сиро“. Реваншот е закажан за шест дена во Неапол.
Актуелниот шампион на Европа, екипата на Реал на свој терен ќе го пречека Челзи. Овие два тима играа и лани во четвртфиналето на Лигата на шампионите, Реал излезе како победник, а подоцна ја освои титулата. Нападот на Реал против Челзи ќе го предводи Карим Бензема, кој минатата сезона ја освои Златната топка.
Челзи пристигнува во Мадрид со новиот тренер Френк Лампард, кој неодамна го замени Грем Потер. Лондонскиот тим е во голема криза, „сините“ последен пат победија во Премиер лигата на 11 март против Лестер (3:1).
Натпреварот помеѓу Реал и Челзи се игра вечерва од 21 часот во Мадрид, а реваншот е шест дена подоцна во Лондон.