Top Sport

Јан Облак рекорден шести пат е најдобар голман во Ла Лига

Словенечкиот голман Јан Облак стана најдобар голман во шпанската Ла Лига по рекорден шести пат. Голманот на Атлетико Мадрид повторно го крена трофејот Замора, именуван по поранешниот легендарен голман Рикардо Замора.

Облак беше голманот со најмал процент на примени голови во сезоната. Условот е секој голман да има најмалку 28 настапи во текот на сезоната во Ла Лига со 60 или повеќе минути на теренот.

32-годишниот Облак претходно ја доби оваа награда во 2016, 2017, 2018, 2019 и 2021 година, со што ги остави зад себе Виктор Валдес и Антонио Рамалетс, поранешни голмани на Барселона, кои беа најдобри пет пати.

Наградата Замора ја доделува мадридскиот спортски весник „Марка“ од 1958 година.

Атлетико на Облак ја заврши сезоната на третото место, зад шампионот Барселона и вицешампионот Реал Мадрид.

Scroll to Top