Интер потврдија дека англиското крило Ешли Јанг има позитивен тест на корона вирусот и дека веќе е во карантин по саботните тестови, по кои тој стана шестиот фудбалер на „нераѕурите“ кој е позитивен на вирусот, поставувајќи го саботното дерби против Милан во неизвесност.
Јанг беше стартер во првите три меча од Серија А на тимот на Антонио Конте, и во Италија се стравува дека Интер ќе мора да побара откажување на мечот со Милан.
Алесандро Бастон беше првиот позитивен фудбалер на Интер, по што се потврди дека и Милан Шкринијар, Раџа Наинголан, голманот Јонут Раду и Роберто Гаљардини исто така имаат позитивни тестови.
Серија А ќе се обиде да избегне уште еден скандал поради корона вирусот, откако Наполи не отпатува на гостувањето кај Јувентус минатата недела по позитивните тестови на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас и Пјотр Зиелински. Иако Јувентус се надеваа дека ќе дојде до 3:0 службена победа, Наполи сака преигрување на мечот, а апелациониот суд на Италијанската фудбалска федерација ќе направи одлука следната недела.