Top Sport

Јанг ги крена Јунајтед, Њукасл спаси поен кај ВБА (видео)

Ешли Јанг постигна два одлични гола, а Манчестер јунајтед имаше комотно водство од 0:3 на гостувањето кај Ватфорд за во последните минути да се „тресат“ откако домаќините успеаја да постигнат два гола во последните петнаесет минути, пред Џеси Лингард да ги постави конечните 2:4.

Првото полувреме на натпреварот беше целосно во знакот на 32-годишниот ветеран на Јунајтед, кој постигна два фантастични гола во 19. и 25. минута, а кога Антони Марсијал додаде уште еден гол во 32. минута, Жозе Мурињо сигурно веќе ги впиша трите поени.

Меѓутоа,  домаќините не мислеа така, и прво преку голот на Трој Дини од пенал во 77. минута намалија на 1:3, а само седум минути потоа Абдулај Дукур со убава реакција намали на 2:3. Но, наместо драматичен финиш, Џеси Лингард го финишираше добриот натпревар за него, откако четири дефанзивци на Ватфорд не успеаја да го сопрат и тој ги постави конечните 2:4 со кои Јунајтед се доближи на пет поени до Манчестер сити, иако лидерите имаат натпревар помалку.

Ако драмата „избега“ во Лондон, тогаш целосно беше присутна во Бирмингем на мечот меѓу Вест Бромвич Албион и Њукасл. ВБА по час игра имаше предност од 2:0 со головите на Робсон-Кану и Филд, пред тимот на Рафа Бенитез да се врати, прво преку Сиаран Кларк 59. минута, за во 83. минута Џони Еванс да си постигне автогол за по еден бод за двата тима.

Scroll to Top