Колумбискиот дефанзивец на Барселона, Јери Мина вели дека им плаќал по 50 евра на Лионел Меси и на Луис Суарез по облозите кои ги правел со нив за изведување на слободи удари.
Мина, чија иднина е неизвесна по шпекулациите за трансфер од „Ноу Камп“ во Евертон, Манчестер јунајтед или Лион, признава дека немал најдобра прва сезона во шпанската Ла лига, а покрај слабата минутажа, 23-годишниот Колумбиец останувал беспари и поради друга причина.
„Кога пристигнав во обид да направам добра атмосфера почнав да се обложувам со Меси и Суарез за тоа кој ќе изведе најдобар слободен удар на тренинг. Само ги гледав. Пред да сфатам што направив, им давав по 50 евра дневно и плаќав за нивниот секојдневен шопинг. Но, и двајцата навистина беа магични и знаеја да ја постават топката каде што сакаат“, вели Мина во интервју за магазинот „Бокас“.
Мина признава дека првата сезона не била најдобра.
„Искрено мислев дека сум готов по оваа сезона. Филипе Кутињо и Паулињо постојано ме охрабруваа. Не добив шанса. Минутите кои ги играв беа лоши и на крајот дури ми беше тешко да додавам на тренинзи“, додава Мина, кој по слабата сезона имаше одличен настап со Колумбија на СП во Русија.