Селекторот Фернандо Јеро не беше воодушевен од начинот на кој Шпанија дојде до првото место во Б групата, за што беше потребен фантастичен гол со петица на Јаго во 93. минута во мечот за 2:2 реми со Мароко, за кој мораше да се чека потврда од ВАР-системот.
Сепак, ниту тоа немаше да биде доволно за Шпанија да биде прва и да го избегне Уругвај во осминафиналето (сега ќе игра со домаќинот Русија), доколку Иран не успееше да стигне до 1:1 реми во истата таа минута против Португалија со гол од пенал по ВАР-консултации.
„Мораме да бидеме самокритични. Ова не е начинот на кој можеме да добиеме многу. Направивме многу добри, но и многу лоши работи во натпреварот. Секоја шанса која Мароканците ја направија беше со опасност кон голот. Ако сакаме да стигнеме до таму каде што сонуваме, мораме да ги поправиме деталите во нашата игра. Знаевме дека првите три меча ќе бидат многу тешки за нас, но сега добивме и лекција како функционира ВАР“, вели Јеро.
Јеро дефинитивно ќе мора да направи промени во составот на Шпанија и за тоа нема време иако дојде на клупата на „фуријата“ на еден ден пред стартот на Мундијалот по отказот кој го доби Хулен Лопетеги.
Јаго, кој мораше да чека да види дали неговиот гол ќе биде „запишан“ признава дека добро се испотиле.
„Со ВАР понекогаш се чека многу долго и се надевам дека тоа ќе биде убрзано. Но, важно сме први во групата. Добро се намачивме за овој пласман“, вели Јаго.
Фото: ЕПА
Лудило во судиското продолжение – Шпанија на крајот пред Португалија (видео)