Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп му се извини на екс-менаџерот на Манчестер Јунајтед, Сер Алекс Фергусон што го разбуди во раните утрински часови непосредно по освојувањето на титулата во Премиерлигата.
Фергусон на својот помлад колега му испрати честитка кога во јуни заврши 30-годишното чекање на „црвените“ за шампионската титула во Англија.
По прославата на титулата во тимскиот хотел, Клоп се вратил во својата соба неколку часа пред да се раздени и му испрати одговор на Фергусон. Не се надевал дека телефонот на Шкотланѓанецот ќе биде покрај него и на тој начин дека ќе го разбуди.
„Проблемот беше во тоа што таа ноќ доцна се вратив во мојата соба и веднаш не можев да заспијам, па ги видов пораките кои ги добив, а една од нив беше од Алекс Фергусон. Одговорив на многу пристоен начин. Мислам дека беше меѓу 3.30 и 4 часот наутро и не очекував дека телефонот ќе му биде покрај креветот. Не сакав да го разбудам, ако тоа се случило – жал ми е„ – рече Клоп.
Германецот е искрен дека контактите со легендата на „црвените ѓаволи“ се ретки.
„Од тогаш не сме во контакт. Го почитувам. Тој и понатаму е екс-менаџер на Јунајтед и мислам дека не сака премногу да разговара со мене за успехот на Ливерпул“ смета Клоп.
Неговиот тим денеска од 18.30 часот одбраната на титулата ќе ја започне против новиот премиерлигаш, Лидс Јунајтед каде најверојатно во составот ќе се најде и македонскиот репрезентативец, Езџан Алиоски.