Манчестер јунајтед ќе донесат конечна одлука за иднината на Пол Погба на „Олд Трафорд“ до Божиќ, во обид да спречат трансфер шпекулациите да донесат дополнителни проблеми на тимот кој не го исполнува својот потенцијал на стартот на сезоната, тврдат британските медиуми.
Французинот веќе ги одработува последните 12 месеци од договорот со „ѓаволите“ и веќе од јануари би можел да преговара со клубови кои би сакале да го донесат, и Јунајтед е во постојана врска со неговиот агент Мино Рајола во обид да го осигураат новиот договор вреден 400.000 фунти неделно, тврди „Сан“.
Во клубот веруваат дека Погба би сакал да остане во Манчестер, но се свесни дека големите европски клубови, пред сите Пари Сен-Жермен и Реал Мадрид можат да го привлечат со подобар договор.
Италијаската „Ла газета дело спорт“, пак, тврдат дека Јунајтед имаат и „резервна опција“ да тргнат по Френк Кеси од Милан како потенцијална замена доколку Погба реши да замине.