Top Sport

Јунајтед го потврди „слетувањето“ на Алексис Санчез

Манчестер јунајтед, конечно, потврди дека склучиле договор со Алексис Санчез за трансфер од Арсенал, додека во спротивна насока ќе замине Хенрик Мхитарјан.

„Пресреќен сум што се приклучувам на најголемиот клуб на светот. Поминав три и пол прекрасни години во Арсенал и секогаш ќе имам убави спомени од клубот и фановите. Шансата да се игра на овој историски стадион и да се работи со Жозе Мурињо беше нешто што не можев да го одбијам. Горд сум што сум првиот Чилеанец кој играл за Манчестер јунајтед и сега сакам да покажам на фановите зошто клубот ме сакаше тука“, изјави Санчез.

И Жозе Мурињо не го криеше задоволството од договорот.

„Алексис е еден од најдобрите напаѓачи на светот и ќе го комплетира нашиот млад и талентиран тим. Тој ќе ја донесе амбицијата, карактерот и квалитетите за да биде вистински играч на Манчестер јунајтед. Би сакал да му заблагодарам на Хенрик за успехот кој го имаше со нас и да му посакам сè најдобро. Нема да го заборавиме, посебно за титулата од Лигата на Европа минатата сезона“, додаде Мурињо.

Се верува дека Санчез ќе заработува околу 500.000 фунти неделно со што ќе биде најплатениот фудбалер во Премиер лигата.

Мхитарјан вели дека го остварил сонот со трансферот во Арсенал.
„Среќен сум што договорот можеше да се комплетира и среќен сум што сум меѓу ‘топчиите’. Ова е остварување на сонот, бидејќи секогаш сакав да играм за Арсенал и сега ќе се обидам да направам историја со клубот“, изјави Мхитарјан.

Scroll to Top