Манчестер јунајтед се подготвени да го продадат Пол Погба ова лето, но повеќе би сакале тој да го прифати новиот супер-договор кој го подготвиле со фантастична заработувачка од 400.000 фунти неделно, со што би станал најплатениот фудбалер во Премиер лигата.
Англиските медиуми тврдат дека Погба е најзадоволен сега во Јунајтед по трансферот од Јувентус во 2016 година и имаше одлична партија во 6:2 победата над Рома во четвртокот, но има уште една сезона од неговиот договор со „ѓаволите“.
Според „Дејли мирор“, 28-годишниот Французин би добил нов договор од 400.000 фунти неделно, но доколку одбие да се обврзе на клубот, нема да имаат проблем да го продадат ова лето за да не останат без заработувачка, посебно бидејќи треба да преговараат со Мино Рајола.
Според истите извори, Јунајтед веќе почнале со потрага за можна замена за Погба, со Деклан Рајс, Вилфред Ндиди и Саул Нигез како главни кандидати. Оле Гунар Солскјер вели дека клубот ја добива битката за Погба.
„Ако можеме да играме како против Рома и фудбалерите го почувствуваат прогресот, шансите да ги заддржиме Пол и Еди Кавани се големи. Го познавам Пол долго време, од времето кога беше резервен фудбалер и тој знае како се чувствувам. Уживам да работам со него, бидејќи е победник. Секогаш сака да е подобар, а сега игра со насмевка на лицето“, вели Солскјер.