Семејството Глејзери, вклучувајќи ги извршните ко-претседатели Џоел и Аврам Глејзер добија 11 милиони фунти дивиденда од Манчестер јунајтед во петокот, навлекувајќи го бесот на независната навивачка група на клубот.
Исплатата доаѓа по најлошата сезона на „ѓаволите“ во Премиерлигата, која ја завршија на 6. место и не влегоа во Лигата на шампионите. Покрај тоа, иако му беа ветени средства за засилувања на новиот менаџер Ерик Тен Хаг, Јунајтед засега не успеаја да донесат ниту еден фудбалер, и се вклучени во игра на нерви со Барселона, околу Френки де Јонг.
Според Трастот на навивачи на Манчестер јунајтед (МУСТ), одлуката е „целосно неприфатливаа“.
„Денеска Глејзери ќе си платат голем дел од дивидендата од 11 милиони фунти на крајот на една од најлошите сезони во нашето сеќавање. Награда за неуспех е лоша практика за било кој бизнис, и целосно неприфатлива ако се земе состојбата на работите во Јунајтед. МУСТ постојано бара вклученост во одлуките на клубот, за да се слушне гласот на навивачите, но ова е непростливо. Ќе бараме одговори на директните состаноци“, се вели во објавата на МУСТ.
Јунајтед нема освоено трофеј од 2017 година, а за титула од Премиерлигата чекаат од 2013 година.