Манчестер јунајтед се поврзуваат со многу трансфери во текот на летниот преоден рок, а последен во низата е тој на Матијс де Лихт, со што „ѓаволите“ ќе му понудат на Холанѓанецот излез од Јувентус, каде што тој имаше тешка прва сезона.
Де Лихт беше најавуван како огромно засилување и нов лидер на одбраната на Јувентус по трансферот од 68 милиони евра од Ајакс, но 20-годишниот централен бек тешко се адаптираше на системот на Маурицио Сари и го загуби местото во стартниот состав од Мерих Демирал, пред турскиот фудбалер да се повреди во јануари.
Според „Дејли мејл“, Јунајтед ја надгледуваат ситуацијата и доколку Јувентус реши да ги намали трошоците, тие се подготвени за трансфер, иако повторно ќе мораат да имаат работа со агентот Мино Рајола. Јунајтед веќе потрошија 80 милиони фунти на Хери Мегвајр, а во одбраната ги имаат уште и Виктор Линделоф, Ерик Баји, Аксел Туанзебе и Фил Џонс, иако последниот се очекува да замине ова лето.