Манчестер јунајтед стигна до победа од 2:1 над Лестер на „Олд Трафорд“ во првиот меч од новата сезона во Премиер лигата, давајќи му на Жозе Мурињо шанса да се насмее по проблематичниот преоден рок и прогнозите дека Јунајтед оваа сезона ќе биде дури и послаб од лани.
Пол Погба го стартуваше мечот со капитенската лента, што може да се протолкува како уште еден знак дека односите со менаџерот се подобрија и покрај тоа што Французинот неколку пати беше поврзуван со „бегање“ од „ѓаволите“.
Погба беше стрелец на првиот гол, откако уште во првата минута беше досуден пенал за игра со рака во шестнаесетникот на „лисиците“ и тој рутински го совлада Каспер Шмајхел за рана предност. Јунајтед имаа повеќе од играта во првото полувреме, но околу половина час по ударот на Медисон мораше да се покаже и Давид де Хеа со одлична одбрана.
Алексис Санчез беше еден од најдобрите на теренот за „ѓаволите“, за кои дебитираше во официјален меч новото засилување Фред, додека Ромелу Лукаку влезе во игра во второто полувреме.
Лук Шо, уште еден фудбалер кој имаше проблематични односи со Мурињо, го зголеми водството на Јунајтед во 83. минута по една неочекувана шанса, меѓутоа во финишот домаќините мораа да ја спасуваат победата кога Џејми Варди постигна гол во 93. минута. Сепак, за целосен пресврт немаше време.
Фото: ЕПА
https://cc.sporttube.com/embed/iKDCCCG” width=”700″ height=”350″ frameborder=”0″ allowfullscreen=”allowfullscreen”>