Манчестер јунајтед не завршиле со купувањето на фудбалери од Лестер сити, откако според „Дејли мирор“ веќе во јануари Оле Гунар Солскјер ќе се обиде да донесе уште еден Британец на „Олд Трафорд“ – англискиот плејмејкер Џејмс Медисон.
„Ѓаволите“ ова лето го купија Хери Мегвајр од „лисиците“ за 80 милиони фунти, а сега фрлиле око на 22-годишниот Медисон, кој импресионираше минатата сезона со Лестер по доаѓањето од Норич за 20 милиони фунти. Се очекува овие добри игри да му донесат повик во репрезентацијата за квалификациските дуели за Евро 2020 со Бугарија и Косово.
За Солскјер, Медисон би бил уште една потврда на неговата теорија за носење на млади британски таленти, откако ова лето дојдоа и десниот бек Арон Ван-Бисака и Велшанецот Даниел Џејмс. Секако, Лестер нема да дозволат Јунајтед да поминат евтино.