Иако Оле Гунар Солскјер изјави дека со трансферот на Бруно Фернандеш заврши преодниот рок за Манчестер јунајтед, повеќе англиски извори вечерва тврдат дека тие се во очајна потрага за напаѓач, со Нигериецот Одион Игало од Шангај шенхуа во кинеската лига, но останува нејасно дали тој ќе се комплетира во последните два часа од преодниот рок.
Јунајтед прво денеска се обидоа да го добијат поранешниот фудбалер од нивната школа, Џош Кинг од Бурнемаут, но 40-те милиони фунти кои ги бараше англискиот клуб едноставно беа превисоки.
30-годишниот Игало, пак, си замина од Ватфорд во 2017 за да игра за Чангчун јатаи во Кинеската Суперлига, пред во 2019 да направи трансфер во Шангај шенхуа. Да биде поинтересно, и Тотенхем во последните часови беше во игра за потписот на Игало, но според „Скај спортс“ Јунајтед ги договорил личните услови со Нигериецот и сега се чека можноста трансферот да се реализира, а ситуацијата ја компликува корона вирусот и „затварањето“ на Кинеската Суперлига. Игало има плата од астрономски 300.000 фунти неделно во Кина.