Крилото на Наполи, Амин Јунес вели дека многумина им помагаат на фудбалерите да „останат глупави“, за да ги искористат парите и недостатокот на економска едукација за да ги ограбат.
Германецот е продукт на младинската школа на Борусија Менхенгладбах, за кои дебитираше како професионалец во 2011 година, а откако две сезони не доби шанса, замина во Ајакс, каде што во три сезони имаше 100 настапи и 17 гола, пред во 2018 да се пресели во Наполи со слободен трансфер.
Во двете сезони во Италија, тој има само 23 настапи, од кои 7 оваа сезона, и вели дека бидејќи имал искуство во три големи лиги треба да ги предупреди младите фудбалери дека има многумина кои се обидуваат да ги измамат.
„Нас фудбалерите ни помагаат да остсанеме глупави. Повеќето работи ни ги средува некој друг и затоа дел од фудбалерите не гледаат ниту лево, ниту десно. Секој знае да ги исчисти копачките, но секој не е способен да се грижи за финансиите. Повеќето фудбалери не знаат што е тоа сметка за штедење. Младите фудбалери не треба да бидат цедени како лимони само поради талентот, туку некој треба да им помогне“, вели Јунес.
Тој има 5 настапи за германската репрезентација, сите во 2017, кога постигна еден гол во квалификациите за СП во 2018 и еден гол на Купот на конфедерации во 2017.