Претседателот на Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ), Габриеле Гравина се закани дека Јувентус следната сезона ќе биде исфрлен од Серија А доколку не се повлечат од Европската Суперлига.
Јувентус заедно со Реал Мадрид и Барселона се преостанатите три клуба кои официјално не се повлекоа од проектот кој го иницираа 12 моќни европски клубови, но кој колабираше за помалку од 48 часа. УЕФА веќе потврди дека 9 клубови се „реинтегрирани“ во нивните натпреварувања, најавувајќи казни за преостанатите три клуба, а Јувентус, Реал и Барса во заедничка изјава во саботата ги осудија притисоците да се откажат од Суперлигата.
Сега, доаѓа нова закана од ФИГЦ.
„Кога клубовите прифаќаат да учествуваат во италијанската лига, ги прифаќаат принципите на интернационалните фудбалски тела. Очигледно, ако Јувентус не ги прифаќаат овие принципи, нема да можат да играат во домашната лига. Знам дека навивачите се загрижени, но сите мора да ги почитуваат правилата. Се надевам дека и Јувентус бргу ќе се повлече од проектот“, изјави Гравина.