Top Sport

Јуве го потврдија Маурицио Сари како нов тренер!

Јувентус и официјално го промовираа Маурицио Сари како нов тренер по неговото заминување од Челси по само една сезона во премиерлигашот.

Поранешниот тренер на Наполи пристигна на „Стемфорд бриџ“ минатото лето со договор до јуни 2021 година, но по преговорите на неговиот агент Фаљи Рамадани, тој доби предвремено раскинување на договорот. Иако не се објавени детали за компензацијата која Јувентус ќе ја плати, италијанските извори ја поставуваат на само 1.5 милиони евра, додека англиските извори тврдат дека се работи за сума од 5 до 15 милиони евра.

„Маурицио веруваше дека е потребно да биде поблиску до своето семејство за да се грижи за своите стари родители. Му благодариме за сезоната и за напорната работа и му честитаме на секоја наредна работа“, вели директорот на Челси, Марина Грановскаја, во соопштението на клубот.

Сари потпишува тригодишен договор со „бјанконерите“, наводно вреден 6 милиони евра по сезона, и на „Алијанц стадионот“ ќе го замени Масимилијано Алегри, кој си замина по пет титули во низа во домашниот шампионат.

Сари заминува од Челси со респектибилни 40 победи, 11 ремија и 12 порази и титула од Лига Европа, со просек од 2.08 поени по натпревар. Се очекува неговото место во Челси да го пополни сегашниот менаџер на Дерби каунти и легенда на „сините“, Френк Лампард.

Scroll to Top