Top Sport

Јуве го „смачка“ Милан за осум минути (видео)

Финалето на Копа Италија меѓу Јувентус и Милан беше неизвесно речиси еден час игра, но потоа „бјанконерите“ влегоа во „втора брзина“ и го прегазија предизвикувачот со 4:0 за да направат прв чекор кон двојната титула, која само математички може да им избега.

Џенаро Гатузо и Милан ветија дека ќе се борат за титулата, која покрај слава ќе им донесеше и директно место во Лигата на Европа, и беа израмнет противник едно полувреме.

Потоа во пеколни осум минути, „росонерите“ примија неверојатни три гола, за на крајот да доживеат вистинска катастрофа.

Сѐ започна во 56. минута кога Мехди Бенатија по нафрлањето од корнер на Пјаниќ го шокираше Донарума. Само четири минути подоцна Даглас Коста со одличен удар од работ на шестнаесетникот зголеми на 2:0, а веќе во 61. минута по една несфатлива грешка на Донарума, Бенатија зголеми на 3:0. Сол на раната стави Никола Калиниќ, кој си постигна автогол во 71. минута.

Ова е тринаесетта титула од Копа Италија за Јувентус и четврта во низа, а сега им преостанува само уште рутински да ја завршат сезоната и да стигнат до седма титула во низа во Серија А, уште еднаш покажувајќи се најдоминантниот италијански тим во последната деценија.




Scroll to Top