Јувентус ја загуби жалбата да им се врати титулата од Серија А од 2005/06, која заврши кај Интер по таканаречениот „Калчополи“ скандал во италијанскиот фудбал.
„Бјанконерите“ ги загубија двете титули во скандалот во летото 2006, но првата (2004/05) не беше воопшто доделена, додека втората (2005/06) им беше дадена на Интер, иако тие беа само трети таа сезона зад Јувентус и Милан, но на овие два клуба им беа одземени поени за обидот да ги „купат“ судиите.
Јувентус официјално се жалеа и бараа повторно отварање на случајот против Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) и Интер пред Италијанскиот олимписки комитет (ЦОНИ), кој вечерва одлучи дека жалбата не може да се разгледува. Ова е повторување на одлуката од 2011 година и покрај тоа што има нови докази во случајот.
Новите снимени разговори откриени повеќе години подоцна открија дека и Интер беа вклучени во слично однесување како Јувентус и Милан, но одлуката е дека случајот е застарен.
И покрај тоа што официјално ги немаат тие титули, Јувентус си ги „брои“ во својата историја, покажувајќи ги на ѕидот на својот стадион во Торино, како и на голем број на официјални спортски реквизити.