Драматичен крај имаше сезоната во Серија А. Најголеми губитници се фудбалерите на Лацио, во последната рунда останаа без место во европските купови. Лацијалите на домашен терен загубија од Лече (0:1). Екипата од југот на Италија со овој триумф избори опстанок во лигата.
Лацио против давеникот не успеа да постигне гол, еден бод ќе го однесеше клубот во Лигата на Конференции. Лацио, цело полувреме играше со фудбалер повеќе, но ниту тоа не им беше доволно да се спасат од поразот. Херој на Лече е Кулибали, неговиот гол во 43.минута го реши победникот.
Јувентус, со многу труд успеа да победи кај Венеција (3:2) и да го задржи четвртото место на табелата. „Старата дама“ и наредната сезона ќе игра во Лигата на шампионите.
Во втората минута, Венеција поведе преку Фила, но по нешто повеќе од половина час игра, Јувентус успеа да направи пресврт со головите на Јилдиз и Коло Муани.
Ново израмнување имаше во 55-та минута кога Хапс постигна гол за домаќините, а во тој момент Рома имаше водство од два гола против Торино и беше јасно дека оди кон победа.
Мануел Локатели го спаси Јувентус од со голот од пенал во 73-та минута. Овој резултат остана до крајот на разочарување на навивачите на Рома и нивниот тренер Клаудио Раниери. Овој натпревар беше 500-ти за Раниери како тренер во Серија А.
Покрај Јуве, во Лигата на шампионите одат и шампионот Наполи, Интер и Аталанта. Рома и Болоња ќе играат во Лига на Европа, а Фиорентина во Конференциската лига. Монца, Венеција и Емполи се селат во Серија Б.