Top Sport

Јуве со десетминутна шок-терапија за Рома, Заниоло со посериозна повреда (видео)

Јувентус се врати на првото место во италијанската Серија А, откако на гостувањето на „Олимпико“ за само десет минути ја суреди Рома за 2:1 победа. Со трите поени, Јувентус има 48 поени, два повеќе од Интер на второто место, додека Рома е петта со 35 поени.

Веќе во третата минута од мечот, по асистенција на Пауло Дибала, Мерих Демирал најдобро се снаоѓа во противничкиот шестнаесетник и носи предност за „бјанконерите“. Во деветтата минута Жордан Верету успева поради невнимание да ја загуби топката од Пауло Дибала, по што несмасно го фаулира за да биде досуден пенал, кој Кристијано Роналдо сигурно го изведува.

Покрај ова, првите 45 минути ги одбележуваат и посериозните повреди на двајца фудбалери. Демирал во 19. минута се повредува и е заменет од Матијс де Лихт, додека младиот Николо Заниоло заминува од натпреварот на носилки во 34. минута и е заменет со Ченгиз Ундер. Се верува дека тој ги има скинато лигаментите на коленото, што ќе значи сигурна операција и подолга пауза, поради што речиси сигурно ќе го пропушти Европското првенство во текот на летото.

Диего Пероти внесува малку жар во последните дваесет минути на „Олимпико“, откако од пенал намалува на 1:2 во 68. минута од мечот.

Scroll to Top